Во текот на изминатата недела, Самостојниот синдикат на работниците од финансискиот сектор на Македонија (СФОМ) беше домаќин на висока делегација од Европскиот центар за работнички прашања (ЕЗА). Посетата ја предводеа генералната секретарка на ЕЗА, г-ѓа Сигрид Шрамл, и претставникот за едукација и обука, г. Љубан Булиќ.
Во рамки на посетата беа одржани три работни состаноци. Првиот се одржа со претседателите на поголемите синдикални организации-членки на СФОМ, предводени од претседателот м-р Бобан Ристески. Следеа состаноци со претседателствата на синдикатите при Народна банка на Република Северна Македонија и Халк банка АД Скопје.
Претставниците од ЕЗА беа детално запознаени со структурата, активностите и предизвиците со кои се соочуваат синдикатите во финансискиот сектор во земјава. Посетата претставуваше последен официјален чекор во постапката за полноправно членство на СФОМ во ЕЗА.
Со тоа, по веќе стекнатото членство во Светската организација на работниците (WOW), СФОМ ќе стане единствениот синдикат во финансискиот сектор кој истовремено е дел и од EZA и од WOW. Дополнително, СФОМ се издвојува како организација со најмладо членство според просечна возраст, како и со највисока застапеност – со над 70% членство од вработените во финансискиот сектор.
Ова претставува значајно признание за ангажманот на СФОМ во унапредување на работничките права и синдикалната едукација на национално и меѓународно ниво.




