Претставниците на СФОМ на 24 декември 2025 година земаа учество на Промоцијата на овогодинешното издание „Свет на Работата” и Научно-стручната расправа „Свет на работата без насилство и вознемирување на работното место” во заедничка организација на Здружението за трудово и социјално право на С. Македонија и Правниот факултет „Јустинијан Први” – Скопје, одржани во Читалната на Правниот факултет во Скопје.
Овогодинешниот број на Свет на Работата е производ на годишната меѓународна научна конференција на ЗТСП „Трудовото право и промените во светот на работата: лекции за унапредување на македонското работно законодавство и неговата примена во практиката” која се одржа во периодот 29-30 мај, 2025 година, во Хотел „Метропол” во Охрид. Изданието е напишано на вкупно 420 страници. Содржи 19 научни и стручни трудови во авторство и коавторство на универзитетски професори од земјата и странство, докторанди во подрачјето на правните науки, правни практичари и професионалци, кои обработуваат најактуелни теми од индивидуалните и колективните работни односи. Говорници на промотивниот дел од настанот беа деканот на Правниот факултет во Скопје (проф. д-р Сашо Георгиевски), националниот координатор на Меѓународната организација на трудот (м-р Емил Крстановски), претседателот на ЗТСП (проф. д-р Тодор Каламатиев) и потпретседателот на ЗТСП (проф. д-р Александар Ристовски).
Целта на научно-стручната расправа која следеше по промотивниот дел од настанот, беше актуелизирање на потребата за усогласување на националното законодавство со ратификуваната Конвенција на МОТ бр.190 за елиминирање на насилството и вознемирувањето во светот на работата, во пресрет на подготвувањето ново законско решение за заштита од вознемирување на работното место. Расправата модерирана од страна на проф. д-р Тодор Каламатиев и потпомогната од страна на адвокат, м-р Донче Стаменков овозможи конструктивен дијалог помеѓу теоријата и практиката за недостатоците на актуелниот Закон за заштита од вознемирување на работното место и причините кои ја отежнуваат неговата применливост во практиката. Говорници на расправата со свои презентации беа: проф. д-р Љубинка Ковачевиќ (Универзитет во Белград, Правен факултет), проф. д-р Александар Ристовски (Правен факултет „Јустинијан Први” во Скопје), м-р Катерина Георгиевска (судија во Врховниот Суд на РСМ), м-р Христина Јанакиевска (Советник инспектор од областа на работните односи во Државниот инспекторат за труд) и Горан Нешевски (претставник на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на РСМ).
Членовите на СФОМ можат сите релевантни податоци, пресуди, прописи од оваа област да ги најдат на страницата: https://trudovopravo.mk
СФОМ







