На 03.03.2026 година во Брисел се одржа конференција на тема „Социјална правда во Европа која повторно се вооружува“, во организација на ЕЗА, на која учество зедоа претседателот на СФОМ, Бобан Ристески, и Александра Ѓорѓиевска претседателката на СО при НБРСМ.
Конференцијата обедини учесници од 21 земја, при што беа разгледани актуелните безбедносни предизвици во Европа и нивното влијание врз социјалната политика. Беше истакнато дека влошувањето на меѓународната состојба повторно ја става безбедноста високо на европската агенда, со зголемен фокус на одбранбените политики и воените капацитети.
Во дискусиите беше нагласено дека, иако зајакнувањето на одбраната се смета за неопходно, безбедноста не треба да се гледа исклучиво низ воена призма. Напротив, таа треба да вклучува и социјална правда, дипломатија, меѓународна соработка и почитување на меѓународното право.
Посебно внимание беше посветено на можните последици од зголемените воени трошоци врз јавните политики, особено во области како што се социјалната заштита, здравството и образованието. Беше истакнато дека долгорочното пренасочување на ресурсите кон одбраната може да го ограничи развојот на овие клучни сектори.
Конференцијата ја потенцираше и важноста на принципот „Ако сакаш мир, негувај правда“, нагласувајќи дека одржливата безбедност може да се постигне само преку балансиран пристап кој ги обединува одбраната, социјалната политика и меѓународната соработка.









