Во рамките на Банкарските спортски игри 2026, на 16 мај во Охрид беше организирана јога сесија која привлече голем број учесници и придонесе за збогатување на спортската програма со содржини насочени кон здравјето и благосостојбата на вработените.
Настанот се одржа во пријатна и позитивна атмосфера во просториите на хотелот Метропол, каде што инструкторките Тања и Крешнике реализираа инспиративен и професионално воден час по јога. Учесниците имаа можност да се запознаат со придобивките од јогата како практика која придонесува за подобрување на физичката и менталната благосостојба, намалување на стресот и воспоставување подобар баланс помеѓу работните обврски и личниот живот.
Големиот интерес и активното учество на членовите потврдија дека ваквите активности се значаен дел од современиот пристап кон грижата за здравјето и квалитетот на животот на вработените. Токму затоа, СФОМ ќе продолжи да организира разновидни спортски, рекреативни и едукативни содржини кои го поттикнуваат активниот и здрав начин на живот.
Банкарските спортски игри и понатаму остануваат простор за дружење, тимско поврзување, спортски дух и промоција на вредности кои придонесуваат за создавање позитивна и мотивирачка работна средина.








