Задоволни вработени, успешни компании или мотивирани банкарски сужбеници, задоволни клиенти, успешни банки. Тоа се постигнува преку социјалниот дијалог, во кој синдикатите се мост меѓу работодавачот и вработените. Вклучувањето на вработените при носењето одлуки што ги засегаат и нив е клучно за доброто работење на банките и на финансиските институции, зашто доколку сакаат профит, тогаш мора да се задоволни и тие што го реализираат профитот. Тоа се клучните поенти од работилницата насловена „Важноста и влијанието на социјалниот дијалог врз продуктивноста на модерните компании”, организирана од Синдикатот на работниците од финансиските организации во Македонија (СФОМ ) во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ) и со Халк банка како домаќин, чиј главен извршен директор, Билал Суџубаши, ја истакна вредноста на социјалниот дијалог како основа за создавање продуктивна и инклузивна работна средина.
Во СФОМ членуваат 23 синдикални оргнизации со повеќе од пет илјади членови, а целта е нивниот број да се зголеми и да се стимулира соработката со институциите, рече Бобан Ристески, претседателот на СФОМ, организација која делува 30 години како самостоен синдикат. Воедно, тоа е единствениот репрезентативен финансиски синдикат во Македонија.
Растот на продуктивноста е важен и за работодавачот и за вработените, нагласи националниот координатор во МОТ, Емил Крстановски, образложувајќи зошто е потребен социјалниот дијалог, под кој се подразбираат сите видови преговори, консултации, размената на информации… меѓу засегнатите страни. Тој начин на комуникација има клучна улога во апсорпцијата на шокови во услови на криза и во надминувањето на тие состојби; придонесува за одржливост на бизнисот; обезбедува стабилност кај работниците и ги елиминира причините за штрајк; продуктивноста и профитабилноста се зголемуваат… Како пример ги наведе постигнувањата на ИНГ Груп, холандска глобална банка, која без големи потреси ги направила структурните промени, определувајќи се за дигитализација на работниот процес. Дел од вработените преку обуки и доквалификација се прилагодиле на новиот начин на функционирање, а за извршителите чии работни места целосно застареле, била применета можноста за доброволен отказ.
Ангажираноста на вработените влијае врз задоволството на клиентите, а повисоките примања што ќе ги добијат позитивно се одразуваат на работодавачот, истакна Мечкароска Симјаноска, додавајќи дека позитивните влијанија од социјалниот дијалог се согледуваат и во професионалниот и кариерниот развој, во подобрување на работните услови… Тоа го чувствуваат и работодавачите, затоа што со развиената комуникација побрзо и поефикасно се решаваат споровите, помала е флуктуацијата на вработените и секако, расте продуктивноста.